Раководителот на секторот за патнички сообраќај при АД „Галеб“ Охрид, Димитар Василески, е прогласен за менаџер на годината во транспортниот сообраќај во Македонија.

Наградата што ја доделува Стопанската интересна заедница „Македонија сообраќај“ – АМЕРИТ, членка на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ), на Василески му беше врачена вчера во х. „Горица“, на свечена церемонија што се одржа во рамки на Меѓународниот семинар за имплементацијата и искуствата од користењето на ТИР-ЕПД апликацијата.
Наградата е уште една потврда на високите квалитети што ги поседува АД „Галеб“, кој важи за една од најголемите и најдобро организираните транспортни компании во земјата.

На стручниот собир на кој учествуваа експерти од регионот и Европа, Република Македонија стана дел од меѓународното семејство од 23 земји кои бесплатно ја користат ТИР-ЕПД апликацијата на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ), со која значително се забрзува меѓународниот проток на стоки.

Со користење на оваа бесплатна алатка, што во земјава се обезбедува преку СИЗ Македонија сообраќај-АМЕРИТ, членка на ИРУ, македонските патни транспортери ќе имаат значителни придобивки од заштеда од 40 проценти од времето на чекање на границите и заштеда од минимум 30 евра, што транспортерите им ги даваат на шпедитерите за обработка на многуте хартиени документи во ТИР транспортите.
OhridNews