Завршницата од СП треба да биде круна за оваа генерација бидејќи противниците беа на Олимпијадата, а квалификациите во кои настапивме покажаа дека и ние сме блиску до тие селекции, смета Ванчо Димовски капитенот на Металург кој во Охрид и Струга ја темпира формата за мечевите од ЛШ.
На Металург му остануваат само два турнири за уигрување пред претстојниот квалификациски меч за пласман во групите од Лигата на шампионите. Струшкиот турнир, кој почна синоќа, е првата проверка, а потоа екипата заминува за Хрватска. во почетокот на септември се патува за Норвешка, каде прво ќе треба да се победи Алпла Хард и да се чека победникот од дуелот Хаслум – Динамо Полтава.
– Тоа што играме квалификации ни ги наруши плановите, бидејќи треба да се темпира формата за почетокот на септември и да се одржува за во октомври, но тоа е тоа. Се надеваме дека ќе го повториме ланскиот успех, видовме како изгледа сето тоа и годинава сакаме да бидеме дел од големото друштво. Очекувам нашиот квалитет да дојде до израз и повторно да бидеме дел од ЛШ. Да го повториме ланскиот успех, но и да направиме чекор напред – вели Ванчо Димовски, капитен на тимот.
Екипата претрпе мали измени, го нема Марковиќ, а нови лица се Додер и Вучиќевиќ. По завршувањето на ЛОИ во тимот за мечевите во Струга се приклучи и голманот, српскиот интернационалец Дарко Станиќ
– Додер во Македонија игра неколку години и нема да му биде проблем да се адаптира на нашиот стил. На Вучиќевиќ ќе му треба време, да се привикне на нашиот стил на игра. Се надеваме дека овие два турнира ќе бидат доволни да се уиграме што подобро во пресрет на мечевите во ЛШ – смета Димовски.
Капитенот пропушти дел од ланската сезона поради повреда. Оваа посакува да го избегнат малерите и комплетно да му се посвети на тимот и репрезентацијата.
– Таа работа е непредвидлива. Не се оптоварувам со тоа, нека биде што подалеку од нас – вели Димовски.
Македонската ракометна репрезентација наредната година ја очекува настап на СП во Шпанија.
– Добар предизвик, изминаа 4 години од последното СП на кое игравме, и видовме дека е убаво да се биде на голем собир. Не успеавме во Шведска, но ете барем ќе го задржиме континуитет настапи на големите натпреварувања. Шпанија треба да биде круна за оваа генерација. Нашите противници беа на Олимпијада, а ние во квалификациите покажавме дека сме многу блиску до тие репрезентации. Понекогаш и самите не сме свесни за нашиот квалитет и потенцијал, кој според многу експерти е неспорен – завршува Димовски.
фото Емилио
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com