Вештачката интелигенција и технологијата во образованието ќе бидат во фокус на седмото издание на една од најголемите и највлијателните образовни конференции во Македонија, „ЕдуКонференција25“, која ќе се одржи на 27 и 28 септември во хотелот „Дрим“ во Струга.

Конференцијата наменета на вештачката интелигенција за педагошки цели “Unlocking AI: Innovate, Integrate, Inspire!” ќе опфати предавања, панел-дискусии, презентации на ВИ алатки од страна на студенти од сите педагошки факултети во Македонија, како и учество на еминентни професори, експерти и практичари од повеќе европски земји. Организатор е здружението „Пријатели на образованието“ во кое членуваат наставници, професори и ИКТ експерти чија основна цел е обезбедување на квалитетна и креативна наставна пракса.
Нашата визија е осовременување на воспитанието и образованието со примена на дигитални образовни ресурси и поврзување со меѓународни организации со сродни активности. Фактот дека конференцијата се одржува по седми пат и програмата од година во година е сè побогата и со говорници од висок ранг, говори многу за растот на самиот настан и негово позиционирање како платформа која го поврзува македонското образование со европските трендови и со тоа инспирира промени во наставата и учењето, велат од здружението „Пријатели на образованието“.
Главниот говорник Георги Димитров е раководител на одделението „Дигитално образование“ во Европската комисија. Во Комисијата се приклучува во 2008 година, а неговата работа опфаќа развој на иновации, дигитално образование и соработка меѓу универзитетите и бизнис-секторот. Меѓу неговите клучни проекти се воспоставувањето на Европскиот институт за иновации и технологија (EIT), иницијативата HEInnovate на Европската комисија и OECD, како и управување со политики за претприемачко и иновативно високо образование. Пред да се приклучи на Комисијата, работел во водечка мултинационална телекомуникациска компанија и во стартап во Германија. Димитров е магистер по општествени науки од Универзитетот во Бон, доктор по филозофија од Универзитетот Ерланген-Нирнберг, а дополнително се усовршувал во менаџмент на технологија на Отворениот универзитет во Обединетото Кралство.

Со својата богата програма и со учесници и реномирани предавачи од Финска, Бугарија, Литванија, Турција и Македонија, „ЕдуКонференција“ уште еднаш се позиционира како платформа која го поврзува македонското образование со европските трендови и која инспирира позитивни промени во наставата и учењето, додаваат организаторите.
OhridNews













