Според последниот годишен извештај на Комисијата за заштита од дискриминација втора година по ред најчестиот вид дискриминација е дискриминацијата во работните односи.

Најголем дел од граѓаните кои се жалат за дискриминација во работните односи се од јавниот сектор, вели Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација при отворниот ден за бесплатна правна помош за случаи на дискриминација и повреди на човекови права кој денес се одржа во Охрид.

Се жалат и на дискриминација врз основ на етничка припадност, сексуална ориентација, родов идентитет, личен и општествен статус. Областите во кои се жалат граѓаните се исто така разновидни. Имаме од работа и работни односи до пристап до добра и услуги и ова се области кои се повторуваат изминатите две години, вели Јадровски.

Овој отворен ден, додава, е последен од серијата отворени денови што ги прават во соработка со Мрежата за заштита од дискриминација во рамки на проект поддржан од Цивика Мобилитас.

Идејата е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како централизирано тело што се наоѓа во Скопје, да излезе на терен да биде во другите градови, да се запознаеме со граѓаните, да ја промовираме работата на Комисијата да ги запознаеме граѓаните каква заштита можат да добијат кај нас, да ја подигнеме свеста за дискриминацијата и да ги мотивираме оние граѓани кои можеби се соочиле со дискриминација но не биле охрабрени да пријават, истакнува Јадровски.

Потенцира дека Комисијата има неколку начини за справување со феноменот на дискриминацијата. Една од нив, вели, е заштитната фунција каде постапуваат по претставки на странки.

Во одредени случаи постапуваме и по службена должност, кога постапуваме по допрен глас кога сметаме дека има поголем број граѓани кои се опфатени со некакво дискриминаторско дејствие или сметаме дека има одредена дискриминација чии последици се екстремно силни, тешки и штетни. Вториот начин е преку преземање на информативни и промотивни активности каде гледаме да ја зајакнеме информираноста на граѓаните во однос на штетноста на дискримацијата, да ги научиме како можат да препознаат дискриминација и како можат да пријават и воедно работиме со останатите институции во однос на градење на некаков меѓуинституционален систем на соработка бидејќи не сметам дека справувањето со ваков општествен феномен може да падне на едно тело како што е Комисијата туку мора да имаме и институцонална соработка.

Последниот дел во тој процес на елиминирање и намалување на дискриминацијата лежи во таа меѓуинституционална соработка, додава Јадровски.

Н.С.Ј.