Дискусија, изложби и презентации на тема „Разговори за касарна“ ќе се одржи денеска во Охрид во организација на Архрид-стручен колектив.

Охридската касарна е една од низата на напуштени пост-воени територии на кои им е потребна урбанистичка и архитектонска артикулација. Како пространа зелена површина, која стои со сета своја празнина во хетерогеноста на некогашната индустриска зона на градот, касарната претставува своевиден екосистем. Нејзината стратешка позиција во однос на новите развојни правци на градот, но и поврзаноста со негови значајни инфраструктурни линии, го носат потенцијалот за нејзината реупотреба, соопшти Касарна хаб – Охрид.

„Разговори за касарна“ е првиот настан којшто го организира Архрид како колектив, а претставува презентација на академски истражувачки трудови и изложба на наодите кои се однесуваат на просторот на поранешната охридска касарна.

Овој локалитет е веќе подолго време предмет на индивидуално истражување на поедини членови на колективот, меѓутоа последните неколку месеци АРХРИД групно работи на селекција, обработка и презентација на собраните материјали. Целта на овој настан е да се подигне свеста на пошироката јавност за значењето на локацијата, да се искажат стручните ставови по однос на квалитетите на овој простор и крајно да се потенцира потребата од изработка на сеопфатна архитектонско-урбанистичка студија, се наведува во соопштението.

Архрид е стручен колектив чии главни цели се едукација, односно подигнување на свеста за архитектонските и урбанистичките вредности на градот) и заштита на постојното културното наследство, како и препознавање и вреднување на архитектонското творештво и урбаните фрагменти во градот, преку спроведување активности во јавниот градски простор и креирање форум (потенцирање на значењето за оформување и јавно искажување на заеднички стручен став по актуелни теми).

Касарна хаб е стартап центар, како дел од проектот OHRID GO ко-финансиран од Европската унија, чии спроведувачи се Општина Охрид и Стелар Солушнс. Во следните две години во Касарна Хаб планирани се низа настани, едукации, менторства и вмрежување на лица кои имаат идеи за иновативни бизниси со потенцијални инвеститори.

OhridNews