Крајно сме загрижени поради последните изливи на насилство меѓу младите и граѓаните, непотврдените пораки дека тензијата е исклучиво на меѓуетничка основа и интензивирањето на сегрегацијата. Наместо со физички пресметки или со апатија, како две крајности, повикуваме младите да се ангажираат и да се мобилизираат за да ги научат своите права, да ја вежбаат демократијата, да се здружат и да дејствуваат онака како што им прилега, со активизам, изјавија членовите на Младинскиот образовен форум кои денес се обратија од Паркот на поезијата во Струга .

– Младите треба да притискаат кон институциите, но и да се нудат како релевантен партнер. Комуникацијата меѓу младите и институциите мора да започне веднаш. Младите треба да имаат секојдневен контакт со Министертвото за образование и со Агенцијата за млади и спорт, а не со Министерството за внатрешни работи. Сметаме дека тензиите и насилствата на етничка основа само ќе ја ослабат позицијата на младите во општеството, а младите не смеат да го дозволат тоа. Повикуваме на разум и на отпор кон секоја форма на насилство и агресија. Насилството мора да запре, порачаа над 50 на членови од МОФ.

Тие ги повикаа институциите, професорите и родителите  да ги мотивираат младите на дискусија со своите врсници од различна етничка, верска, културна, политичка или било која друга припадност. Сметаат дека партиите, професорите и родителите треба да се одважат и во интерес на своите деца да работат многу повеќе на надминување на разликите и предрасудите и актуелните проблеми. Според МОФ, младите посегнуваат по насилството најмногу поради тоа што нивната енергија не се канализира низ институциите и не се овозможува нивните идеи и ставови да бидат слушнати и признаени.

Од МОФ наведуваат дека физичките пресметки заслужуваат медиумско внимание, но во вакви моменти тоа не смее да биде пренагласено и нападно пласирано. Уште помалку, да се нагласуваат етничките припадности на граѓаните во било кој контекст, па и во контекст на физичките пресметки.

OhridNews