Во Пештани започна со работа новоотворената дисперзирана дежурна амбуланта со што се очекува подобра здравствена заштита, како за осигурениците на фондот, така и за туристите во Пештани.

Како што истакна директорката на Фондот за здравствено осигурување на РМ, Маја Парнаџиева- Змејкова која денес ја посети амбулантата, ќе се придонесе и кон растеретување на охридската Служба за итна медицинска помош.

Идејата е да се најде трајно решение, оваа локација во иднина да добие матичен лекар кој ќе работи постојано тука. Се дотогаш медицинските услуги ќе функционираат на овој начин. Тука ќе може итно да биде прегледан било кој осигуреник, но и турист, кој тука ќе може да прими и одреден вид терапија. Посложените случаи ќе бидат пренасочувани кон Службата за итна медицинска помош, рече Парнаџиева- Змејкова.

Амбулантата во Пештани во текот на летната сезона ќе работи секој ден, од 8 до 20 часот во текот на викендите, како и од 8 до 15 часот во текот на работните денови. Во текот на деновите од викендот дежурствата ќе ги спроведуваат матични лекари што ќе ротираат во две смени, додека во работните денови здравствените услуги ќе ги вршат лекари од Здравствен дом- Охрид.

OhridNews