Дисперзираните студии на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид во Велес оваа учебна година се ставени во мирување, односно не се запишуваат студенти во I година, додека наставата во II и III година се одвива согласно редовниот распоред. Според министерот за образование и наука Панче Кралев, ставањето во мирување, не значи затворање на дисперзираните студии на ФТУ Охрид.

-Нема да се укинуваат постоечките генерации кои веќе студираат, односно запишаните ќе можат да ги завршат студиите таму каде што се запишани, меѓутоа тенденцијата е затоа што овие дисперзирани студии постојат три години да се направи некој вид разместување на други локации во земјата за да се овозможи создавање одреден вид кадар во градови кои имаат потреба од тоа, така што не станува збор за никакво укинување на дисперзираните студии, иајави денеска во Охрид министерот Кралев.

Според најавите, догодина ФТУ Охрид ќе отвори дисперзирани студии на една насока во Крушево. Министерот Кралев смета дека има оправданост и потреба од отворање дисперзирани студии во Крушево, затоа што се работи за значаен туристички центар.

-Станува збор за перспективен туристички центар кој има потенцијал, и иако одлуката каде се ќе има дисперзирани студии допрва треба да се донесе би сакал да истакнам дека наша интенција е и по региони, меѓутоа и по гранки да се стимулираат студентите, а Крушево како туристички град не треба да се ограничува, рече Кралев.

Од ФТУ Охрид за OhridNews изјавија дека официјално се’ уште не добиле информација околу преместување на дисперзираните студии, но посочуваат дека тоа што студиите во Велес годинава се ставени во мирување, не значи дека во иднина доколку има потреба, таму повторно нема да се отворат дисперзирани студии. 

Во врска со потребите од нови вработувања на ФТУ Охрид, министерот Кралев информираше дека до МОН се доставени голем број  барања за вработувања од универзитетите  и дека согласно можностите и оваа година ќе бидат одобрени согласности за нови вработувања.

OhridNews