Поединци и групи дрвокрадци кои се „вооружени“ со најсовремени моторни пили и возила без таблички, најчесто ноќе, но и среде бел ден, безмилосно ги пустошат шумите во охридско.
Според охриѓани кои се добро упатени во бизнисот со огревно дрво, најмногу дрвокрадци има на планината „Петрино“, во делот над селото Велгошти.
-Дивата сеча е доброорганизиран бизнис од кој многу години, добро се профитира и не е нешто ново во Охрид. Многу мал е бројот на лица кои собираат дрва сами, а секако позастапени се организираните групи кои собираат големи количини на огревно дрво и со патнички, теренски и товарани возила, го превезуваат најчето ноќе и го нудат на продажба по многу пониска цена за кубик, вели охриѓанец кој долги години работи во трговијата со огревно дрво.
Дека интензивно се сече шумата во охридско потврдуваат и рекреативците и планинарите кои одат на планински прошетки.
-Од година во година шумата над „Петрино“ се ретчи. Мислам дека се сечат сите видови дрва, но најмногу буката. Ова е жална слика, навистина треба да се преземе нешто. Истото му се случува и на дел од шумата во реонот на Дебарца, ни раскажа еден помлад охриѓанец, кој редовно рекреативно пешачи по планина.
Според Секторот за шумска полиција при Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на Република Македонија најзагрозен дел од дивата и бесправна сеча во Охридскиот регион е таканаречениот „Буковски дел“ односно Шумско стопанство единица „Буково“ и Шумско стопанство единица „Мазатар“ каде припаѓаат населените места Велгошти, Скребатно, Лескоец, Банила, Љубоишта, Сирула и Куратица.
-Во зависност од техничките и материјални можности и опременост, Шумската полција во Охрид врши 24 часовна контрола на шумите на територија на општините Охрид и Дебрца. Се контролира теренот од место викано „Пресека“ до место викано „Буково“ и до „Свети Наум“ на Албанска граница. На ова подрачје со шумите стопанисуваат Јавното претпријатие „Македонски шуми“ и Јавната установа национален парк „Галичица“, информираат од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.
Од таму објаснуваат дека од јануари до август 2014 година за нелегална сеча на дрва, Секторот за шумска полиција до Основниот суд во Охрид поднел 20 прекршочни пријави, а до Основното јавно обвинителство во Охрид биле поднесени 20 кривични пријави.
-На терен во охридско биле затекнати 72 лица кои го прекршиле Законот за шуми. Одземени биле 21,4 метри кубни огревно дрво и 0,5 метри кубни техничко дрво. Исто така одземени биле 6 патнички моторни возила, 2 товарни моторни возила, 2 приколки и 3 моторни пили, информираат надлежните во Министерството.
Тие појаснуваат дека тековните контроли на шумската полиција се вршат во патроли кои го контролираат теренот односно транспортот на огревно и техничко дрво, сечата во сечиштата во шумата, складирањето на огревното дрво во дворните места и складишта, како и откупот и продажбата на дрво.
Е.М