-Со донесувањето на Законот за Охрид градбите со висина од потпокрив веќе не се дозволени да се изведуваат, така што ставот на нашата институција е дека ако дојде некое барање за легализација на дивоградба со изграден потпокрив најодговорно тврдам дека потпокривите нема да бидат легализирани, изјави директорот на Заводот и Музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска.
Во изминатиот пердиод во стариот дел на градот покрај голем број потпокриви, на диво се доградувани степеништа, влезови, огради, гаражи, но и цели објекти, кои ќе може да бидат легализирани само доколку не ја загрозуваат споменичната целина, предупредуваат од Заводот и Музеј.
Согласно измените во законот, урбанистичките планови за објектите кои ќе се градат во заштитеното градско јадро и контактната зона во иднина задолжително ќе подлежат на контрола од Заводот и Музеј, кој ќе издава конзерваторско одобрение за истите и ќе врши строг надзор на градежните работи.
Од Заводот и музеј предупредуваат дека во иднина нема да се толерираат никакви отстапки од одобрените планови, во спротивно на инвеститорот ќе му биде одземено конзерваторското решение, а ќе бидат известени и Управата за заштита на културното наследство и Државниот градежен инспекторат со цел да се преземат мерки за уривање на дивоградата.