Музичко-сценските уметници од двете најголеми институции Македонската опера и балет и Македонската филхармонија една недела пред почетокот на Охридско лето ги условуваат своите матични куќи дека нема да учествуваат на фестивалот ако не им бидат исполнети нивните барања: хотелско сместување со полн пансион и дневница од 800 денари или 3000 денари дневно.
МОБ треба да настапи на отворањето на Охридско лето на 12 јули, а Филхармонијата на 19 јули. Синдикатите на музичко-сценските уметници на Македонија и синдикалните асоцијации на Македонската филхармонија, националната Опера и на Балетот завчера биле известени дека институции може да им дадат само тоа што законски им следува: по 2.000 денари на ден за учеството на фестивалот.
Синдикалците како пример го посочија Народниот театар – Битола, кој исто така учествува на отворањето на Охридско лето, а чии актери наводно за престојот во Скопје заради заедничките проби, добивале полн пансион и дневница по 500 денари.
– Тоа се најелементарни услови за да функционираме. Јас одговорно тврдам дека освен хотелско сместување и полн пансион, ни следува паричен надомест, кој ни е неопходен. Одиме службено во Охрид, а не за да се шетаме – вели Виктор Илиески од Синдикатот на музичко-сценските уметници.
Претседателот на Синдикатот на Филхармонијата, Александар Гошев рече дека кога настапуваат надвор имаат многу подобри услови отколку дома и дека дополнителен проблем за нив е и превозот со тешки инструменти, кој поради пробите може да биде и неколкупати дневно.
Борче Вишин од Синдикатот на Операта посочи дека не се почитувал Законот за работните односи, не им се плаќал ноќниот ангажман, немале право на бенефиции и редовни систематски прегледи, настапите за празници биле компензирани со слободни денови.
– Имаме лоша комуникација со директорите. Не ги обвинуваме ниту Охридско лето, ниту Министерството за култура, зашто со нив не преговараме ние, туку нашите раководства – рече Вишин.
Од двете институции објаснуваат дека пред повеќе од месец дена добиле согласност од оние што ќе настапат на фестивалот дека прифаќаат 2.000 денари дневно и организиран автобуски превоз од Скопје до Охрид и обратно, според условите на Охридско лето. Секој што не се согласува може да ја избере понудата за сместување во еден од трите понудени хотели од фестивалот со полн пансион и, исто така, организиран автобуски превоз.
Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ вели дека во јули Македонската филхармонија го има концертот на Охридско лето и дека практично со него треба вработените да си ја заработат платата.
– Не може за нешто што е работна обврска да се бара дополнителен хонорар. Тоа е против сите законски прописи. На 19 јуни ставот на оркестарот на Македонска филхармонија беше дека прифаќаат 2.000 денари на ден со автобуски превоз од Скопје до Охрид и назад. Ние не можеме ништо во овој случај да направиме освен она што го налага законот – вели Чанаќевиќ.
Директорот на МОБ Дејан Прошев вели дека и повеќето вработени во МОБ ја прифатиле опцијата од 2.000 денари, а голем дел од нив веќе имале резервирано и сместување. Тој додава дека доколку некој не ги почитува работните обврски, ќе биде казнет според Законот за работните обврски.
Извор: Дневник