Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот реши да го згасне Меѓународниот јануарски саем за туризам, кој четири години по ред се одржуваше во Охрид, пишува „Дневник“.
Македонскиот туристички бисер остана без сопствена саемска манифестација на која може да ги презентира своите туристички потенцијали затоа што Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот реши да го згасне Меѓународниот јануарски саем за туризам, кој четири години по ред се одржуваше во Охрид.
Според новиот директор на агенцијата, Јордан Трајков, оваа одлука била донесена врз основа на фактот дека саемската манифестација во Охрид не привлекла доволен број странски тур-оператори.
– Врз основа на консултациите со целокупната туристичка фела и врз основа на анализата на резултатите што ги има постигнато охридскиот туристички саем, дојдовме до заклучок дека истиот не ја остварува основната цел за која се организирал. Поради тоа сметавме дека е подобро да се откажеме од тој саем и средствата што би ги издвоиле за негова организација да ги искористиме за други поефективни промоции или активности – ни објасни Трајков во телефонскиот разговор.
Според него, саемот не дал задоволителни резултати поради тоа што се одржувал во период кога во светот се одржуваат голем број меѓународни саеми за туризам.
Трајков најави дека во иднина наместо саем, Агенцијата планира да организира туристичка работна конференција, на која ќе покани туристички работници од голем број странски земји.
-Планираме во октомври годинава, најверојатно во Охрид, да организираме конференција за ин-каминг туризам во Македонија. Се надевам дека истиот ќе привлече голем број странски тур-оператори, кои ќе ја вметнат нашата земја во своите туристички програми за 2013 година – потенцира Трајков.
Од Охридската локална самоуправа се согласуваат со констатацијата дека досегашните саеми во Охрид не донеле големи резултати, но не се согласуваат со одлуката целосно да се згасне оваа промотивна туристичка манифестација.
– Саемот во Охрид, под покровителство на Агенцијата за промоција на туризмот, досега се организираше без конструктивна замисла и кампањски и затоа не даде задоволителен разлутат. Но, тоа требаше да биде добар показател дека нешто недостига, дека се прават грешки и дека се потребни промени во самата организација, но не целосно да се пресече организирањето на овој саем – вели Гоце Симоноски, раководител на секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.
Според него, Охрид како најголем туристички центар во Македонија има голема потреба од вакви промотивни настани.
– Охрид не е подолу од светските туристички центри, кои со традиција организираат саемски манифестации. Организирањето на туристички саем во Охрид е добро за самиот туристички имиџ на градот и секако за туристичкиот имиџ на Македонија. Сметам дека е штета во Македонија повеќе да не се организира никаков саем за туризам – вели Симоноски.
Тој нагласува дека не е против организирање туристички конференции, но смета дека истите не можат да го заменат ефектот на добро организиран саем.
Инаку, туристичкиот саем во Охрид се организираше четири години по ред, од 17 до 19 јануари.
Извор: „Дневник“
Автор: Елена Михајловска