Освен во Одделението за геријатрија чии капацитети се лимитирани, старите лица од Охрид и населените места кои гравитираат кон градот, се уште немаат каде да се сместат. Иако со години се најавува иницијатива за изградба на Дом за стари лица во населбата Далјан, сепак регионот не располага со социјална установа која би ја згрижувала оваа возрасна категорија.

Охридските пензионери сметаат дека една ваква установа би придонела за подостоен живот на повозрасните, односно би била идеална за старите лица кои сакаат да живеат сами или за кои нема кој да се грижи.

Познавам луѓе во години чии фамилии живеат далеку од градот, па се оставени на самите себе. Има и такви кои се болни и во поодмината возраст, а семејствата немаат време да се грижат за нив. Видете, ваков објект би значел многу за нас, без разлика дали го признава тоа некој или не. На градот му е нопходен Дом за стари лица.“ – коментираат дел од пензионерите кои затекнавме во централното подрачје.

До 2017 во Охрид ќе никне ваква социјална установа?

Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, изјави дека во тек е изработка на планска документација за овој капитален проект, а градот до крајот на мандатот на градоначалникот Бакрачески ќе добие Дом за стари лица.

Овој проект е дел од изборната програма на градоначалникот Бакрачески и непосредно по преземањето на локалната самоуправа, веднаш отпочнавме со подготовка за негова реализација. Тој е во завршна фаза, пред објава за отуѓување на земјиштето, каде определен инвеститор ќе изгради старечки дом. Интересот за изградба на овој објект е голем, така да, Охрид до крајот на нашиот мандат ќе добие дом за стари лица.“ – изјави Спасески, посочувајќи дека во изминатиот период расчистени се имотно-правните односи на локацијата каде е предвидено да се гради домот за стари лица.

Проширување на „Геријатрија“?

Единствената државна установа каде што моментално се згрижени повозрасни граѓани е Одделението за геријатрија при ЈЗУ Општа болница Охрид. Директорот на Општа болница, д-р Љубен Арнаудов, неоддамна изјави дека идните планови се во насока на проширување на овој објект, чии капацитети моментов се премали.

Имаме план и визија за понатака. Проектот е финансиски доста оптоварен, а нашиот план е да подигнеме уште еден спрат, бидејќи архитектонски таква можност постои. Иако го реновиравме одделението, условите тука се субстандардни. Во рамките на Министерството за здравство имаме проект и заеднички со локалната самоуправа и министерот, ќе успееме да го реализираме.“ – истакна неоддамна Арнаудов.

Домот за стари лица вметнат во документ

Во месец април, претседателот на Здружението на пензионерите од општините Охрид и Дебарцапотпиша Меморандум за соработка со локалната самоуправа. Со документот беше утврдена рамката во која се остварува соработката  меѓу потписниците, за планирање, организирање и спроведување на активностите. Исто така, во него се наведени проектите за изградба на дом за стари лица, бесплатен автобуски превоз, воведување медицинска патронажна служба, учество во проектот „ Доживотно учење“ , отворање на клубови за дневен престој за пензионери  и други иницијативи.

О.Т.