На регионална конференција што се одржа денеска во Струга беше промовиран новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кој неодамна беше донесен во Собранието. За прв пат овој сериозен општествен проблем се третира во еден закон, кој јасно ги дефинира обврските на надлежните институции.

-Центрите за социјални работи ќе имаат огромна задача. Свесни сме дека во минатото имаше пропусти во нивнта работа, но со новините во законот секој вработен ќе знае точно како да постапува. Во рок од 24 часа ќе се решaва проблем поврзан со семејно насилство, а исто така и судовите ќе решаваат по овие случаи во скратена постапка.- рече заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибраими.

Во законот има повеќе новини кои, според надлежните, се во функција на заштита на жртвите на семејно насилство. Една од нив е и таа што наместо жртвата, во случај на семејно насилство од домот ќе биде отстранет напаѓачот. Одговорност ќе сноси и оној кој што знае, а не пријавува семејно насилство.

-Оној кој што знаел дека има семејно насилсто а не го пријавил, доколку на пример тоа се случува кај комшијата, ќе биде казнет со 2 до 2500 евра, објасни Ибраими. Тој рече дека примарна цел е да се подигне свеста кај граѓаните како да препознаат и пријават семејно насилство.

На презентацијата на новиот закон присуствуваа пратеничката Лилјана Поповска која е претседател на собраниската комисија за еднаквин права на мажите и жените и Мердита Имери од Македонското женско лоби.

На конференцијата беше истакнато дека секоја 4 жена е жртва на семејно насилство, не само на физичко, туку економско и психичко насилство. Од друга страна беше посочено дека се зголемува свеста кај граѓаните и дека жртвите се повеќе се охрабруваат да пријават семејно насилство. 

OhridNews