Најновото филмско остварување на македонскиот режисер Столе Попов „До Балчак“, синоќа премиерно беше прикажано во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Филмот привлече големо внимание кај јавноста, а кино салата на центарот за култура беше претесна да ги прими сите љубители на седмата уметност. Многумина беа приморани да се вратат, бидејќки беше надминат капацитетот на салата.

Филмот „До Балчак“ е снимен според сценарио на Горан Стефановски. Дејството се случува на почетокот од минатиот век во периодот по Илинденското востание кога во Македонија се спроведувал страшен терор од војските на разнишаната Отоманската империја. Низ ликовите на главните протагонисти, на интересн начин, со многу симболика и длабоки пораки прикажана е историската судбина на Македонија. Филмот трае 165 минути.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Инти Шрај, Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Искра Ветерова, Никола Којо, Сенко Велинов, Никола Ристановски.

Филмот ќе се прикажува и вечерва, а проекции ќе има до 6-ти и од 10-ти до 12-ти ноември.

Почетокот е во 20 часот, а влезот чини 100 денари.

Г.М.