До ноќеска на полноќ, кога истече рокот за поднесување приговори, од страна на политичките партии кои учествуваа на предвремените парламентарни избори, до Државната изборна комисија поднесени се вкупно 16 приговори. Осум од СДСМ и уште толку од партијата БЕСА.
Осумте приговори на СДСМ се однесуваат за текот на гласањето и за начинот на сумирање на резултатите од изборите во Изборната единица 6. Во оваа изборна единица ВМРО-ДПМНЕ освои 16,55 отсто од гласовите или 4 мандати, а СДСМ 16,33 отсто и 3 мандата.
Од БЕСА до ДИК поднеле приговори за неправилности на неколку избирачки места во Изборната единица 2 во општините Липково и Арачиново, како и во шестата изборна единица во Тетово. Во „шестката“ БЕСА освои 15,86 отсто од гласовите и 3 мандата, додека во втората изборна единица освои 7,9 отсто од гласовите и еден пратеник. Во оваа единици, ВМРО-ДПМНЕ освои еден пратеник повеќе од СДСМ, односно девет наспроти осум.
ДИК е должна да реши по приговорите во рок од 48 часа по приемот. Против одлуката на ДИК може да се поднесе жалба до Управниот суд, во рок од 24 часа по приемот на решението. Додека пак Управниот суд по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот.
OhridNews