Најчесто за половина од јадењата кои се наоѓаат на менито, келнерите ви објаснуваат дека ги немаат во моментот. Не ретко се случува наместо вкусно подготвено парче месо, да добиете нешто сосема друго и за тоа да платите 400 па и повеќе денари.
Секој професионалец од сферата на угостителството ќе ви каже дека вакви пропусти се недозволливи за еден туристички центар. Сепак, охридските ресторани кои со децении егзистираат, си ги дозволуваат. За несреќа исклучоците се ретки, но добро е што барем ги има.
Се поставува прашањето- колку уште има простор и време охридските угостители да се однесуваат аматерски во една област во која, според годините на искуство, треба да функционираат како вистински професионалци.
– Храната, особено традиционалната која е идентична за регионот е многу важен дел во туристичката понуда. Треба да се нуди разновидност, но пред се квалитет во однос на она што се подготвува од страна на угостителите, велат стручните лица. Доаѓа време во кое грешките се помалку се толерираат, пред се поради фактот што конкуренцијата е голема. Ако еднаш сте го разочарале гостинот, сигурно е дека наредниот пат тој ќе ве одмине и ќе избере друг ресторан или воопшто место на кое ќе го помине својот одмор, категорични се тие.