Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД ќе имаат доволно вакцини за секој возрасен до крајот на мај, два месеци порано отколку што претходно проценуваше администрацијата.

Администрацијата на Бајден работи на зголемување на снабдувањето и дистрибуцијата на три одобрени вакцини, пренесува Ен Би Си Њуз.

За тоа ќе придонесе договорот склучен меѓу фармацевтските компании Мерк и Џонсон и Џонсон, со посредство на администрацијата на Бајден, откако официјалните лица дознаа дека Џонсон и Џонсон заостануваат во производството на својата вакцина.

Според Центрите за контрола и превенција на болести, повеќе од 15 проценти од луѓето во САД досега примиле барем една доза од вакцината против Ковид-19.

Од друга страна, земјава се уште ги чека првите дози вакцини, откако единствено до сега пристигна донација од 8000 вакцини на Фајзер од Република Србија, со која се вакцинират здравствените работници.

За набавката на вакцините вчера се огласи премиерот Зоран Заев, кој истакна дека недоволниот капацитет на продукција и на фајзеровите и на сите други вакцини во светот е причина за доцнењето на вакцините кај нас.

Верувам дека се навистина денови во прашање. Нашата земја има преземено се што е неопходно за да може час поскоро да набавиме вакцини, нагласи Заев.

Тој посочи дека последната на којашто се работи е вакцината на Астра Зенека.

Ги имаме преземано дури и чекорите на линија на црвената граница во функција на количините, дури и ако треба да поминат количини кои на крајот не би се имплементирале, но да имаме нарачки на крај. Така беше последната нарачка за стоте илјади спутникови вакцини, но секако имаме дуплирани нарачки од Кина, 200 по 200 илјади вакцини, осумстотини илјади преку Ковакс механизмот, 833.000 директно со Фајзар којшто се склучени, договорите кои што ги имаме со ЕУ заради Западен Балкан… Кога ќе ги правите пресметките поминуваме преку два милиони вакцини. Проценките беа милион, значи сме направиле се што треба да направиме, нагласи премиерот.

Г.М.