Дом за стари лица ќе се гради во Охрид, но сеуште не се знае кој ќе го распише тендерот за продажба на земјиштето на кое е предвидена неговата изградба. Дали тоа ќе биде сегашниот сопственик- државата или пак локалната самоуправа.
Како што објаснуваат од Локалната самоуправа, како најпогодна за изградба на објектот е избрана локација во близина на хотелот Магнус, до самиот брег на езерото.
– Сакавме тоа да биде место кое ќе е до самиот град, но пред се да биде мирно, за потребите на старите лица кои ќе се згрижени во домот. Урбанистичкото решение за овој дел од градот е донесено и со него е предвидена изградбата на Домот за стари лица. Станува збор за државно земјиште. Доколку министерството за транспорт и врски, одлучи да ни го даде земјиштето под долготраен закуп или пак го префрли во наша сопственост, тогаш локалната самоуправа ќе распише тендер на кој ќе се бара инвеститорот кој би вложил во изградбата. Во спротивно, државата е таа која ќе треба да го распише тендерот. На министерството за транспорт и врски веќе му испративме извод од урбанистички план за да може, ако сака да го продава земјиштето. Се надевам дека до крајот на оваа година ќе се знаат поединостите, вели градоначалникот Александар Петрески.
Локацијата на која се предвидува да се гради Домот за стари лица се протега на површина од 7. 000 метри квадратни. Како што вели Петрески веќе има заинтересирани инвеститори, меѓу нив и од странските земји.












