Развојот на туризмот во Охрид и Македонија и владините мерки и активности кои се преземаат во оваа област-  е темата на која расправаа учесниците на трибината која денес се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Како што истакна пратеникот Харалампие Шокароски, целта е да се запознаат граѓаните за идните чекори кои ќе ги преземе владата во оваа област, кои секоја година се презентираат неколку месеци пред почетокот на туристичката сезона.


– Задоволен сум што во последниве неколку години преку владините активности и мерки се постигнаа значителни успеси за развојот на туризмот. Како охриѓани сведоци сме  на зголемување на бројот  на странските туристи преку субвенционирање на тур- операторите, субвенционирањето на нискобуџетните летови, како и подршката која им се дава на граѓаните кои се бават со оваа дејност, вели Шокароски.

Според кандидатот за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ, д- р Никола Бакрачески, клучот на успехот за развој на туризмот е комуникацијата помеѓу експертите од областа на туризмот, претставниците на локалната самоуправа и бизнис секторот.


–  Наша цел е да промовираме европски вредности во функционирањето на идната локална самоуправа во овој дел преку подобра комуникација и поврзаност на сите субјекти кои се вклучени во развојот на туризмот, а со тоа да се изнајдат и подобри решенија. Се со цел-  побогата туристичка понуда, изјави д- р Бакрачески.

Од Факултетот за туризам и угостителство потенцираат дека неопходно е да продолжи трендот за вклучување на експерти кои ќе работат на подготвување на законската норматива од областа на туризмот.


– ФТУ беше ангажиран во креирањето на стратегијата за развој на туризмот на РМ и морам да го изразам моето  задоволство што бев лидер на таа група која работеше со француски експерти, при што дојдовме до документ кој е од круцијална важност воопшто за туризмот, а во тој контекст за и процесите кои ќе следуваат .  Сведоци сме на многу зафати кои владата ги презеде во областа  на сублимација на она што е добро за развојот на туризмот и во тој конктекст ме радува што врз основ на таа експертиза е формиран  и комитетот за туризам на највисоко ниво , вели проф. Д- р Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство.

Пред присутните на трибината се обратија и пратеникот Александар Николоски, Дејан Паноски и Јованчо Секулоски.

Т. К.