Второто издание на Фестивалот на францускиот филм ќе биде ортворено со прикажување на филмот „Добредојде“ на режисерот Филип Лиоре, на 28 јуни во Центарот за култура во Охрид.

На фестивалот оваа година ќе бидат прикажани десет играни и шест кратки филмови. Во Охрид ќе допатуваат петмина режисери, тројца актери и осуммина продуценти, а ѕвезда на фестивалот ќе биде светски познатиот шансониер Шарл Азнавур, кому на затворањето на фестивалот на  4 јули на  Античкиот театар, ќе му биде врачена наградата за животно дело.

Од 28 јуни до 4 јули, деневно ќе има по две бесплатни проекции од 19 и од 21 часот, а по секој филм публиката ќе има можност за разговор со филмските екипи. И годинава најдобриот филм на фестивалот ќе ја добие наградата „Златна маска“  што  ќе ја додели стручното жири кое го сочинуваат српскиот режисер Дарко Баиќ, македонскиот режисер Антонио Митриќески, актерката Лабина Митевска и филмскиот критичар Сунчица Уневска.

Фестивал на францускиот филм во недела ќе го отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Ohridnews