По пишувањето на OhridNews за состојбата на дел од улицата Јане Сандански до нашата редакција се обратија повеќе граѓани кои го имаат истиот проблем. Имено, екипите од ЈП Нискоградба на Јане Сандански извршија заменување на водоводните и канлизациони цевки, но сега нема кој да ја врати улицата во првобитна состојба. Од јавното претпријатие велат дека тие немаат механизација за асфалтирање и дека тоа треба да го направат од Одделението за комунален развој и патишта. Од одделението пак категорични- тој што го прави зафатот е должен и да ја асфалтира улицата.


Граѓаните од улиците Никола Карев и Лазо Трпоски, во делот кај Основното музичко училиште Методи Патче се соочуваат со истиот проблем. Истото ги мачи и жителите од населбата Исток кои за да дојдат до своите домови веќе подолго време газат во кал, затоа што јавно претпријатие поставувало цевки, но заборавило или пак не знае дека треба и да ја асфалтира улицата.

Па така, охриѓани и понатаму ќе одат по калливи улици се додека некој не се смилува и им ги асфалтира. Очигледно е дека граѓаните се жртви на некоординираност помеѓу надлежните или пак нивната неинформираност за сопствените обврски.

OhridNews