Со тоа пропаѓаат во вода надежите дека хотелите барем за новогодишните празници ќе се исполнат со гости. Познато е дека години наназад, освен во текот на двата месеци во летниот период, тие се празни. Голем број од нив воопшто и не работаат вон сезона.
Причините за ваквата состојба во која се наоѓаат охридските хотели градоначалникот Петрески ја гледа во лошата инфраструктура и високите цени за сместување.
– Сметам дека цените на сместувањето вон летната туристичка сезона треба да се пониски и тие да не се повисоки од 15 евра. Угостителските работници и во тој случај би имале профит преку повисоки цени на пијалоците и храната во рестораните, вели Петрески.
За значително снижување на цените на хотелското сместување може да се зборува само во случај кога постои конкретна понуда за конкретен период, вели претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески.
– Ако има понуда од странски тур- оператор за сместување на одреден број гости, на пример за десет дена по цена од 15 евра тогаш за хотелот може да биде профитабилно, односно ќе може сопственикот да ги покрие тековните трошоци и нешто да заработи. Но, ако не постои конкретна понуда, тогаш секако во зимскиот период повеќе се исплаќа хотелот да биде затворен, одколку да се чекаат гости кои евентуално ќе дојдат и ќе престојуваат можеби една или две вечери по цена од 15 евра.-истакна Танески. Тој смета дека охридските туристички агенции се тие кои требаат повеќе да се ангажираат при воспоставување на контактите помеѓу охридските хотелиери и странските тур- оператори, односно во креирањето на понуди кои во исто време би биле примамливи за хотелиерите и гостите.
Професор д- р Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство потенцира дека цените се индивидуална одлука на секој давател на услуги. Сопствениците на сместувачките капацитети се тие кои одлучуваат дали ќе работаат економично или не.
– Ние може само да сугерираме. Но, искуствата покажуваат дека вон сезона цените треба да се пониски. Голем број земји со развиен туризам преку есен или во зимскиот период нудат многу ниски цени и на тој начин привлекуваат голем број пензионери кои ги полнат хотелите. Тоа е сепак обврска и на туристичките агенции кои најдобро можат да го испитаат импулсот на пазарот. Нашите агенции како воопшто да не се обидуваат да најдат гости кои би биле заинтересирани за симболични цени да престојуваат во Охрид вон сезона, вели Мариноски.
Според охридските туристички агенции има многу нерешени проблеми кои го кочат развојот на туризмот во Охрид. Ниските провизии доколку соработуваат со охридските хотелиери и недостатокот од соодветната промоција, се само дел од нив.
– Она што недостига е заедничкиот настап на сите вклучени страни кои го креираат развојот на охридскиот туризам. Само со меѓусебна подршка и усогласени ставови можеме да очекуваме позитивни резултати, велат од туристичките агенции.
И додека туристичките работници вината ја префрлаат од едни на други, премолчувајќи ги реалните проблеми и избегнувајќи да седнат на иста маса и се обидат да ги решат, и оваа година ќе заврши вбројувајќи се во низата промашени сезони.