– Од страна на министерката за култура Елизабета Канческа- Милеска постои голем интерес и иницијатива околу што поскорото решавање на овој проблем. И мене како директорка на библиотеката ми е дадена задача да размислам околу најсоодветното решение. Можеби најдобро би било доколку за библиотеката се избере друга локација, каде просторот би бил поголем, но истовремено мора да се земе во предвид и идеалната, сегашна локација на која се наоѓа библиотеката и поголемата пристапност за читателите со оглед дека сега се наоѓаме во самиот центар на градот, вели директорката на охридската библиотека, Александра Белеска.
И покрај тоа, од библиотеката нагласуваат дека се задоволни од бројот на корисници на библиотечниот фонд кој брои над 106.000 наслови.
– Редовно има фреквенција на читатели на монографски публикации и периодични публикации, дневни весници кои секојденвно се набавуваат, интерес постои и за старите дневни весници, меѓу кои некои датираат и од 1945 година, нагласува Белеска.
Бројот на членови од година во година е се поголем. Минатата година евидентирани биле 418 нови корисници на библиотечниот фонд, а само во текот на првите три месеци од 2012 веќе се запишале 92 нови членови.
Од библиотеката потенцираат дека иако на целосно осовременување ќе се чека додека се реши просторниот проблем, книгите во постојниот објект се соодветно заштитени, сместени во климатизирани простории каде има навлажнувачи на воздухот и каде книгите се чуваат на одредена температура.












