Синоќа  во атарот на црквата Св. Петка пред спомен обележјето на Живко Чинго  во село Велгошти  се одржа традиционалната културна манифестација, „Вечер на Живко Чинго“.

Пред љубителите на пишаниот збор и делото на Чинго се обрати градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

  • Иако изминаа 31 година од неговата прерана смрт, Живко Чинго е еден од најголемите промотори на Охрид и Македонија ширум светот. Нема година, нема континент и нема светски јазик на кој не се преведуваат и не се преобјавуваат епохалните и вонвременски литературни остварувања на Живко Чинго. Литературното и севкупното културно наследство што ни го остави Живко Чинго е наша огромна обврска да го чуваме, негуваме, почитуваме  и пренесуваме на генерациите кои доаѓаат, бидејќи тоа е нашиот најсигурен мост на поврзување со светските културни и цивилизациски достигнувања, рече во своето обраќање градоначалникот Стојаноски.

На настанот беше врачена наградата  „Живко Чинго“ на Блаже Миневски  чиј  расказ „Потфрлање на топката“ беше избран за најдобар во конкуренција на 50 други по претходно објавен конкурс на општина Охрид. Обраќањето на Миневски пред присутните го прочита неговата ќерка Марија.

Без читатели нема пистели, без слушатели нема приказна. Престижната награда „Живко Чинго“ трае веќе триесет години па затоа секој што ја добива мора да знае дека неговиот расказ во најмала рака мора да издржи барем толку колку што  наградата со своето траење ги има собрано на едно место највредните раскажувачки резултати во периодот на своето постоење. Самото име на наградата, пак, е обврска што не признава никакви олеснителни околности. Во таа насока за мене секогаш во изминативе три децении било голем предизвик да учествувам на конкурсот во чест на нашиот голем писател Живко Чинго, добивајќи ја досега петпати наградата што го носи неговото име, вели во своето обраќање Миневски.

Беседа за великанот одржа проф. д-р Катица Ќулафкова, а се одржа и културно–уметничка програма.

Организатори на настанот беа  општина Охрид и МЗ Велгошти.

OhridNews