На пригодна свеченост, денес, во рамки на „Прличевите беседи“, на македонскиот поет и писател Веле Смилевски му беше врачена повелбата и наградата „Григор Прличев“  , за неговата поема „Век за самување“.

Како што изјави Смилевски, оваа награда за него претставува признание за досега сработеното во рамки на 40- те години творење, но и обврска за делата кои ќе следат.


–  Оваа награда добива во значење со името на големиот поет и преродбеник Григор Прличев, вториот Хомер, најблескавата творечка вертикала на македонскиот 19 век.  Во изминатите 20 години наградата „Григор Прличев“ даде значаен влог во стимулирањето на македонските поети, во негувањето на епската форма-поемата којашто беше дефицитарна. Од денешен аспект може да констатираме дека имаме еден богат фонд на значајни поеми кои заземаат важно место во развојните процеси на современата македонска литература, рече  Смилевски.


За наградената поема на Смилевски, на свеченоста,  говореше писателот Бранко Цветковски, кој истакна дека делото било убедливо поетски најизграден текст меѓу испратените дваесет на конкурсот.

–    Текстот се наметна со една многу сложено обработена тема, човековата осаментост и нејзината хармионизирачка позиција во поетскиот текст кој изобилува со лирски и епски елементи, и е извишена на едно ниво кое заслужува голем респект, рече Цветковски.


„Прличевите беседи“ продолжуваат утре, со полагање лавров венец и свежо цвеќе пред бистата на Григор Прличев во дворот на основното училиште, а меѓу другите активности предвидена е и панихида на гробот на Прличев.

Во 12.30 во куќата на Прличев ќе биде оддржана културно- уметничка програма, а ќе биде промовирано и ЦД изданието „Охридската библиотека од основањето до денес“. Во 14 часот ќе се оддржи Прличевата визита, а свечената приредба по повод патрониот празник на основното училиште ќе започне во 19 часот.

Т.К.