-Се израдував на наградата, а посебно задоволство ми причинува тоа што претходни добитници се врвни светски имиња од областа на културата. Ми значи многу и ме тера да размислувам дали ја заслужувам и да ги пополнам празните места во тие заслуги, истакна добитничката на Светската награда за хуманизам за 2012 година, Вида Огњеновиќ.
Вида Огњеновиќ
Неодамна од печат на македонски јазик излезе книгата „Прељубници“, претпоследно дело на Огњеновиќ, кое го преведе писателот Димитар Башевски.
– Романот претставува своевидна потрага по човековиот идентитет, дали традиционалните вредности го определуваат во голема мера нашиот идентитет или се тоа други околности и вредности? Книгата ја поставува оваа дилема и како секоја добра литература не дава дефинитивен одговор туку го поставува ова суштинско прашање за човековата егзистенција, истакна Башевски.
Охридската Академија на хуманизмот од 2007 година ја востанови Светската награда за хуманизам, која се доделува на врвни фигури на светската уметност, според традицијата на Св. Климент Охридски – основоположникот на првата Средновековна школа за хуманизам во Европа.
Меѓу досегашните добитници на наградата се јапонскиот будистички филозоф Даисаку Икеда (2007), португалскиот синеаст Мануел де Оливеира (2008), рускиот писател и нобеловец Александар Солженицин (2009), индискиот композитор, хуманист и филозоф Рави Шанкар (2010) и театарскиот режисер и теоретичар Питер Брук (2011).