Доделени 216 хуманитарни пакети помош на охридските пензионери. За оваа намена како што напоменуваат од З.П. Охрид и Дебрца Охрид била извршена пренамена и зголемување на паричните средства во ставката за хуманитарна помош за охридските пензионери во финансискиот план согласно Програмата за работа и Одлуката за измена и дополна на финансискиот план за 2022 година по предлог на Извршниот одбор.

Во име на хуманоста и солидарноста на пензионерите по претходно утврдени услови и критериуми со одлука на Извршниот одбор доделена им е еднократна хуманитарна материјална помош во пакети на 216 пензионери кои се во категоријата на болни, изнемоштени, осамени и приматели на помали пензии. Пакетите се состојат од прехранбени и хигиенски производи во вкупен износ од 300 000 денари, велат од З.П. Охрид и Дебрца.

Хуманитарната помош во пакети, додаваат, на пензионерите им била однесена во домовите од страна на претседателите и други активисти од месните ограноци и од З.П.

Сакаме да потенцираме дека над 140 пакети со хуманитарна помош им беа доделени на нашите пензионери кои живеат во руралните средини во Општина Охрид и Општина Дебрца каде делува Здружението, преку што истото се вклучи и во реализација на проектот „Рурален пензионер“, велат.

Истакнуваат дека на чинот на доделување на помошта биле остварени лични контакти со пензионерите кои биле информирани за актуелната состојба и функционирањето на Здружението и СЗПМ, а имало и прашања од личен интерес, за растот на пензиите, за актуелната дополнителна помош од Владата на РСМ, за поволностите за добивање на здравствените услуги, за намалување на цената на лекарствата и др.

Ваквиот начин на достава на хуманитарна помош ја одобрија и пофалија пензионерите кои беа посетени од нашите активисти, додаваат од З.П. Охрид и Дебрца.

OhridNews