Во рамки на проектот Цветни балкони- цветен Охрид, денес беа доделени 300 жардиниери со саксиско цвеќе на жителите од неколку улици, кои навремено се запишале на список во Секторот за урбанизам и заштита на животната средина,при локалната самоуправа.

Годинава, делењето на цвеќињата се вршеше во расадникот на ЈП Комуналец, каде граѓаните можеа да го подигнат цвеќето со документи за лична идентификација.

– Ја поздравуваме акцијата за делење на цвеќиња. Секој посакува дома да има ваква убавина и вакви цвеќа со кои ја разубавуваме околината и нашите дворови, изјавија присутните граѓани.

Делењето жардиниери се организира трета година по ред, повод 5 јуни- Светскиот ден на животната средина.

– Како и изминатите две години, и оваа од страна на граѓаните има голем интерес, но со цел да се избегне хаосот и нередот кој се создаваше при подигнувањето на жардиниерите минатите две години, сега се одлучивме граѓаните цвеќето да го земаат кај расадникот, според изготвениот список. Засега се оди по најдобар ред, и најверојатно и наредната година цвеќето ќе се дели на оваа локација, изјави Хавза Реџеп Каќел, од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина.

Секоја година со акцијата се опфаќаат различни делови од градот. Овој пат, цвеќиња им се делеа на жителите од  „Туристичка“ од пресекот со бул.АСНОМ до пресекот со ул.„Јане Сандански“,ул. „Јане Сандански“, десната страна од „Маџи Д“ до кружниот тек кај болницата, ул „Сирма војвода“, Бул.„АСНОМ“ до пресекот со бул.„Туристичка“,ул. „Карпош војвода“, ул. „Галичица“, ул.„Ванчо Питошески“,ул.„8 Септември“, ул. „Мирче Ацев“,ул „Лазо Трпоски“.

OhridNews