Вкупно 31 стипендија ќе биде исплатена годинава на ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби кои учат и студираат во државни и приватни училишта односно универзитети.

На пригоден настан кој се одржа денеска, градоначалникот Кирил Пецаков ги додели договорите за стипендирање. Вакви стипендии се воведени за прв пат во Програмата за социјална и здравствена заштита на Општина Охрид и се финансирани од општинскиот буџет, информираат од Општина Охрид.

Оваа поддршка значи почеток на една поголема соработка и обезбедување на подобри социјални услови за лицата со ретки болести и посебни потреби како и за нивните семејства. Општина Охрид во согласност со можностите и законските регулативи за социјална заштита континуирано обезбедува поддршка на здруженијата и иницијативите за поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството и ваквата поддршка ќе продолжи и во иднина, рече градоначалникот Кирил Пецаков во своето обраќање пред присутните.

Претседателката на здружението ,,Ретко е да си редок’’, иницијатор на воведувањето на оваа нова категорија стипендии, Гордана Лолеска искажа голема благодарност до градоначалникот Пецаков за соработката, за покажаниот интерес и прифаќањето на иницијативата.

Се надевам оваа мерка на охридската локална самоуправа ќе служи како пример за останатите општини во државата, во насока на помош и поддршка за лицата со ретки болести и посебни потреби, истакна Лолеска.

Стипендиите за ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби се доделуваат по претходно распишан конкурс за период од 9 месеци во учебната 2021/22 година. Месечниот износ на стипендијата е 1500 денари за ученици и 3000 денари за студенти.

OhridNews