Во просториите на општинскиот Црвен крст, денес, им беа доделени хуманитарни пакети на 70 социјално загрозени семејства од општината. Средствата за пакетите кои им се доделени на вкупно 250 семејства, се собрани во текот на кампањата Недела на борба против гладта.
Партнер во кампањата за Неделата на борба против гладта и оваа година беше Општина Охрид.
– Заедно со Црвениот крст најстојуваме на некаков начин, колку што можеме да им помогнеме на социјално загрозените семејства. Разбираме дека ова е една можеби мала мерка, меѓутоа им значи на овие семејства. И понатаму таа акција ќе ја продолжиме, ќе ги поддржуваме тие семејства колку што можеме во рамките на општинскиот буџет. Во изминатиот период имавме и други активности за помош на социјално загрозените семејства, истакна градоначалникот Јован Стојаноски кој ги додели хуманитарните пакети.
Годинава се евидентирани околу 850 семејства кои бараат помош и се со социјален ризик.
- Оваа помош е согласно стандардите на Меѓународната федерација на Црвениот крст и содржи средства за хигиена и прехранбени производи кои што се доволни да ги обезбедат основните потреби на едно четиричлено семејство, рече претседателот на Црвен Крст Охрид, Сашо Точков.
Неделата за борба против гладта се одржа од 16-22 Октомври. Донираа граѓани поединци, компании, здруженија, фирми, училишта и институции













