„Божественото дело на Свети Климент Охридски е оној препознатлив и безвремен знак кој ги исцрта историските контури на духовното и културното воздигнување на нашиот народ. Повеќе од 11 века низ премрежјата на минатото преку неговите трајни свети пораки зрачи неговото слово, го осветлува нашиот пат и не води сите кон иднината“ ова го истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески на Свечената академија во чест на Свети Климент Охридски, која се одржа вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“.

-Преку Свети Климент ние се поврзуваме со Бога, со Свети Климент ние ја пославме патеката кон духовната награда, а со неговото дело се вклучивме кон кутурното градење на Европа. Овој вонвремески великан, светител и просветител ни го подари писмото како основен белег на нашиот иденитет, а на Европа и ја подари суштината и вредноста на Светиклиментовата школа на хуманизмот. Неговото дело е нераскинливо врзано со Европа и претставува драгоцен придонес кон светската цивилизациска традиција, рече Бакречески во своето обраќање пред присутните.

Во рамки на свечената академија беа доделени највисоките општински признанија. Годинешен добитник на наградата за животно дело Св. Климент Охридски патрон на Охрид е светски познатиот академски уметник Јордан Манасиевски, а општинската повелба, постхумно му беше доделена на Слободан Крлески, за неговиот придонес во афирмацијата на Охрид преку фолклорот.

Во своето обраќање пред присутните уметникот Манасиевски истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што е добитник на ова големо признание.

-На ова место можеше да биде и некој друг вечерва. Охрид има многу творци во сите сфери на живеењето кои заслужуваат да го добијат ова највисоко општинско признание. Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на мојот пријател и сопатник Љупчо Жупан кој несебично допринесе да го претставам моето творештво низ светот како и на сите кои помогнаа кон животниот предизвик да подарам дел од убавината, светлината и љубовта на светиот град. Со верба во Свети Климент и со верба во љубовта кон човекот ви се заблагодарувам за наградата и посакувам секој да ја почуствува оваа радост во душата, рече Манасиевски.

Свеченоста беше збогатена со концерт  на Драган Даутовски, кој со своето уникатно музицирање ги воодушеви присутните

OhridNews