Во општинската зграда, денес, од страна на секретарот на општината, Димитар Спасески им беа доделени наград и благодарници на сопствениците на трите најубаво украсени дворови во Охрид за Новогодишните празници.
Првата награда ја освои Иванка Гигер од населбата „ Радојца Новичиќ“, второто место му припадна на Ристо Димоски од селото Горно Лакочереј, а третонаграден е дворот на Фанија Станкоска од улица „ Сирма Војвода“ .
– Секоја година украсуваме за Божиќ, уште кога живеевме во Швајцарија од каде што ни се купени украсите кои ги зедовме со себе кога се преселувавме во Охрид. Секоја година ги надополнуваме со нови украси и реквизити за да можеме уште поубаво да го украсиме нашиот двор, изјави сопственичката на првонаградениот двор,Иванка Гигер.
Изборот на најубаво украсен двор за празниците се одржа во организација на локалната самоуправа, од каде велат дека акцијата ќе прерасне во традиција и ќе се одржува секоја година.
– Чест ми е да ги доделам наградите. До сите кои ги украсија своите дворови и тераси упатувам благодарност, затоа што беа пример за останатите, со што се придонесе Охрид да изгледа убаво за време на празниците, изјави секретарот Спасески.
На годинашниот натпревар „Најубаво украсен новогодишен двор или тераса“ се пријавија девет семејства, а изборот го изврши специјално формираната Комисија од локалната самоуправа.
– Ги посетивме домовите на семејствата кои аплицираа, во вечерните часови и видовме доста успешно украсени дворови поради што ни беше тешко да го направиме изборот, но сепак бевме ограничени да се одлучиме за три од нив и едногласно ја донесовме одлуката, вели Хавза Какељ, претседател на комисијата.
Сопствениците на првонаградениот украсен двор добија парична награда во висина од 6000 денари, второнаградените 4000 и за освоеното трето место наградата изнесува 3000 денари.
Т.К.