Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и претседателот на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, Стефан Димоски, денеска им ги доделија наградите на најдобрите ученици на сообраќајно-едукативната манифестација „Детски семафор“.
Нaјдобрите и првопласирани ученици во машка и женска категорија од ОУ „Кочо Рацин“ Виктор Јованоски и Мартина Јосифоска, добија велосипед додека Владимир Јованоски и Марија Ѓореска добија заштитен шлем-кацига. Давор Петрески и Давор Петрески од ОУ „Григор Прличев“ се добитници на заштитен шлем-кацига. Екипата на школото „Кочо Рацин“ како најдобро пласирана, учествуваше на државниот натпревар „Детски семафор“ што се одржа во Скопје.
Градоначалникот Стојаноски им честита на учениците за покажаното знаење на „Детски семафор“ и им порача и понатаму посветено и неуморно да освојуваат нови знаења и нови победи и посебно во сообраќајот да бидат внимателни учесници и позитивен пример за соучениците за одговорно учество со почитување на сообраќајните правила и прописи.
Стефан Димоски – претседател на ОСБСП Охрид рече дека целта на општинската сообраќајно-воспитна манифестација “Детски семафор” е едукација и издигнување на сообраќајно- техничката култура кај младите, запознавање со сообраќајните правила и прописи и подобрување на безбедноста на сообраќајот.
По одржаната сообраќајно воспитна манифестација „Детски семафор“ и попрегледувањето на резултатите од писмениот дел (полагање сообраќајни тестови) и практичниот дел (вешто возење велосипед), комисијата, ги објави резултатите: Кај машките најдобри беа Виктор Јованоски 88 Бод, Владимир Јованоски 84 Бод, Давор Петрески 81 Бод. Кај женските-Мартина Јосифоска 81 Бод, Марија Ѓореска 81 Бод, Стефанија Битолкоска 77 Бод. Екипно:Прво место ОУ„Кочо Рацин“ 398 Бод, второ место ОУ„Григор Прличев“ 295 Бод и трето место ОУ „Ванчо Николески“ 221 Бод.














