Дворовите и куќите на семејствата Гигер, Неданоски и Тасески се годинешните најубаво украсени во Охрид. Креативноста на овие охридски семејства за време на новогодишните и божикните празници секојдневно ги воодушевува случајните минувачи, но и општинската комисија составена од страна на градоначалникот која одлучуваше по распишаниот оглас за пријавување на најубаво украсени дворови.  

Како што велат од комисијата и годинава изборот бил тежок со оглед на големата конкуренција.

Им се заблагодаруваме на учесниците за нивните убаво украсени дворови, на задоволство на сите нас. И општина Охрид од година во година вложува се повеќе во украсувањето на градот, но се поголем е и бројот на граѓани кои ги украсуваат домовите и дворовите со што придонесуваат за убав изглед на градот за време на празниците, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески кој ги додели наградите.

Првата награда, по трет пат, отиде во рацете на брачниот пар Иванка и Бруно Гигер кои секоја година со големо внимание и љубов ги изработуваат и поставуваат бројните украси.

Уште во месец ноември 15 дена рачно изработувавме дел од украсите. Потоа уште десеттина дена ги поставувавме и монтиравме. Тоа е наше хоби и го правиме исклучиво за наше задоволство. Инспирацијата ја добиваме и од интернет, со сопругот гледаме како украсуваат во други земји и штом видиме нешто што ќе не воодушеви веднаш го правиме, изјави Иванка Гигер.

Втората награда му беше доделена на семејството Неданоски кои повеќе од десет години го украсуваат својот двор во зимскиот период, но и во лето со бројни разновидни цвеќиња и растенија за што добиле награда и од здружението „Бисера“.

Тоа и ми даде дополнител поттик и понатаму да украсувам. Годинава тоа го правеа мојот внук и вереницата, а јас им давав совети со оглед на моето досегашно искуство, вели Науме Неданоски.

Третонаграден е дворот на семејството Тасески кои живеат на улицата „Ристо Чадо.

Украсуваме речиси 20 години. Годинава за прв пат се пријавивме и ја добиваме наградата. Јас сум и сликарка и уживам во украсувањето, дел од украсите сама ги имам изработено со сопругот и децата, а дел се купени. Украсувањето го правам со голема љубов, годинава го украсив и детското одделение при Општа болница каде работам, рече Антоанета Тасеска.

Првонаграденото, семејството Гигер, изјави дека својата парична награда доделена од страна на локалната самоуправа ќе ја донира за семејството Садик чија куќа пред неколку дена изгоре во пожар.

OhridNews