Во рамките на Одбележување на Неделата на борба против гладта Лајонс клубот „Десарети“ Охрид во соработка со Црвен крст Охрид денеска подели пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на лица од социјално ранливи категории на граѓани на територијата на општините Охрид и Дебрца.

Претседателката на Лајонс клубот „Десарети“, Устијана Речкоска Шикоска рече дека веќе петнаесета година по ред се вклучуваат во акцијата за донирање на пакети во насока на обезбедување помош за оние на кои им е навистина потребна.

Има многу социјално ранливи категории и навистина треба да даруваме, голем е оној што дава. Се обидуваме акцијата да ја подржиме во соработка со Црвениот крст Охрид и мислам дека ќе насмееме некои лица на дечиња, а и на повозрасни луѓе кои ќе ги искористат нашите донации. Пакетите содржат храна и средства за хигиена. Ќе продолжиме со акции како и сите овие 15 години да помогнеме пред се на социјално ранливите категории во Охрид и Дебрца, но и пошироко во регионот, вели Речкоска Шикоска.

И оваа година во рамки на Одбележување на Неделата на борба против гладта традиционално доделуваме хуманитарна помош, прехрамбени производи и средства за хигиена на лица во социјален ризик од општините Охрид и Дебрца, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков, упатуваќи благодарност до сите кои дадоа свој придонес во кампањата, пред се до фирмите, маркетите, институциите, но и училиштата.

Со оваа кампања ќе бидат опслужени преку 250 семејства со најразлични производи. Се собраа голем број прехрамбени производи, дел веќе се поделија на социјално загрозените семејства кај што има повеќе деца, а дел ќе бидат поделени во текот на овој месец. Особено ја истакнувам соработката со Лајонс клубот „Десарети“ кој како општествено одговорен клуб не следи во голем број акции и помага на заедницата во Охрид и околината, вели Точков.

Додава дека економската криза се чувствува уште од почетокот на годината, но посебно сега овој период е зголемен притисокот од лица кои се обраќаат за помош.

Од септември месец притисокот е многу зголемен од страна на луѓето кои имаат навистина социјално економски проблеми и коишто се обраќаат до нас за најразлична помош од лекување до купување на лекарства и секако потреби за храна, средства за хигиена и најразлични видови на потреби за опстанок. Очекуваме притисокот уште повеќе да се зголемува. Особено е голема потребата за огревни дрва. Голем број социјални случаи бараат од нас, а можностите наши се ограничени. Гледаме начин преку општествено одговорни фирми, компании, лица да обезбедиме тоа што е можно за да излеземе во пресрет, вели Точков.

Потенцира дека криза се чувствува секаде и кај компаниите, но проблемите на социјално загрозените семејства се секојдневни, како и нивната борба за опстанок.

Н.С.Ј.