Три години по донесувањето на Законот за бесправно изградени објекти, денеска во Агенцијата за катастар на недвижности беше доделено стоилјадитото решение за легализација.

– Во петокот, во Агенцијата за катастар беше запишан 100.000-тиот легализиран објект. Ова значи дека во Македонија се веќе процесирани една третина од вкуно поднесените предмети за легализација што е добар напредок на процесот, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Јанакиески потсети дека од 13 август годинава дополнително се намалени цените на геодетските елаборати. Новата цена на објекти од 100 метри квадратни е 3.688 денари за разлика од претходно кога беше 4.100 денари, додека за објект од 300 метри квадратни е 7.332 денари, наместо 8.000.

Со измените на  законите за катастар и за бесправно изградени објекти, пак, е  овозможено бесплатно изготвување геодетски елаборати за корисниците на социјална помош.

– За 14 дена се поднесени 120 барања од лица корисници на социјална помош и тие моментно се обработуваат. Од идната недела претставници на Министетството и Катастарот ќе одат кај секое семејство поединечно, да го информираат за оваа новина, подвлече Јанакиески.

Министерот уште еднаш апелира, сите граѓани и компании поскоро да ги достават елаборатите за побрзо реализирање на легализацијата. Рокот истекува на 31 декември 2015 година, но тој потенцира дека не треба да се чека последниот ден. Освен досега легализираните 100.000 дивоградби запишани во Катастарот и со имотен лист, легализирани се и уште неколку илјади, но за нив постапката не е заокружена. Треба да станат правосилни.

Се очекува дека до крајот на 2015 година во Катастарот ќе бидат впишани 200.000 легализирани објекти.

OhridNews