Во јавното здравство жените тешко доаѓаат до термини за ехо на дојка или мамографија, особено во изминатата година и пол од почетокот на пандемијата со КОВИД-19. На одбележувањето на Месецот за борба со ракот на дојка,  Здружението за борба против рак „Борка – За секој нов ден” и годинава укажа на важноста од навремени дијагностички прегледи со оглед дека се работи за болест што не може да се превенира и чиј позитивен исход зависи од раното откривање.

 

Ракот на дојка не може да се превенира, може да се открие рано, а за да се открие рано треба да им овозможиме на жените да имаат навремени прегледи. Да не чекаат на листи, да не се чека за ехо преглед и за мамограф и скрининг-програмите во полн ек да почнат да се имплементираат секаде во општините. Бидејќи се појавува друг проблем – доцното дијагностицирање. Имаме пропуштено многу голем број луѓе, кои поради страв да патуваат, невакцинирани, не ги прават навреме дијагностичките процедури и ќе се јават во подоцен стадиум кога и самиот третман е многу потежок, изјави Биба Додева, претседателка на „Борка“ на настан по повод Месецот за борба со рак на дојка.

Таа апелираше да се надмине проблемот со процедурите за термини и да се овозможи радиологот веднаш да може да даде упат за биопсија, да се почне со скрининг-програмите и, конечно, како што рече, и кај нас да почне да се применува  мултидисциплинарниот пристап како еден од релевантните начини на лекување на ракот воопшто, не само на дојка.  Додева соопшти дека според предвидената бројка на СЗО за минатата година кај нас има намалување на нови случаи.

 

Трендот треба да биде во зголемување на инциденцата, да се зголемува раното откривање, а морталитетот да го намалуваме. За жал, така е и во Македонија, и во светот, и за тоа се зборува на последните конгреси за онколошките пациенти. Секаде во светот скрининг-програмите беа сопрени, дијагностичките процедури беа стопирани и намалени, се до еден период минатата година кога почна некако да се создаваат услови за дијагностички прегледи, рече Додева на настан во „Рамстор мол“ во Скопје, организиран по повод одбележувањето на Месецот за борба со рак на дојка.

Првата дама Елизабета Ѓоргиевска на настанот порача жените да обрнат поглемо внимание, честопати да прават самопреглед и редовни мамографии, а при секоја промена да се јават на лекар.

 

Исклучително е важно да се регистрираат првичните промени зашто на таков начин може да се преземат мерки и да се спаси животот. На овој ден да се потсетиме и да оддадеме почит на сите кои ја загубија битката со болеста, да им дадеме поддршка на сите оние што денес се борат и да повикаме на превентивни мерки –  здравиот начин на живот, кој има исклучително влијание да се спречи ова заболување. Пред сè, да не се користи алкохол и тутун во огромни количини, да се користи здрава храна и да се има физичка активност, рече Ѓоргиевска, која трета година е дел од активностите на „Борка“ и на други здруженија активни во подигање на свесноста за ракот на дојка.

OhridNews