Во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, сметаат дека регулирањето на нивото на Охридското Езеро треба да биде предмет на научна анализа со која предвид ќе се земат и климатските промени кои несомнено влијаат на осцилациите на езерото.
– Треба да се формира заедничка комисија во која ќе бидат вклучени најдобрите научни кадри и експерти за води, за енергетика и за земјоделство од Македонија и Албанија, кои ќе ги утврдат новонастанатите состојби, врз основа на што, доколку е потребно, да се донесе и одлука за ревидирање на потпишаните документи, вели Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Експертите укажуваат дека е потребна стручна експертиза и за Дримскиот басен со која ќе се предвидат и мерки за ублажување на последиците од природни катастрофи, какви што во моментов го зафатија регионот.