Автор на документарниот филм е познатиот охридски новинар Сашо Нелоски, снимател и монтажер е Тони Нически, а во раализацијата на телевизискиот проект учествуваше и Софија Макриевска.
Во документарецот кој трае 25 минути се изнесуваат интересни податоци за откривањето на праисториската наколна населба. Целата приказна започнува од едно глинено грнче кое археологот Паско Кузман му го презентира на искусниот нуркач Милутин Секулоски, кој подоцна во Заливот на коските кај Градиште ќе открие голем број артефакти, врз основа на кои пред неколку години беше реконструирана наколната населба.
На платформата во Заливот на коските изградени се 24 неолитски куќички во кои се изложени предмети пронајдени за време на осум годишните археолошки истражувања на подводниот локалитет. Наколната населба со патека е поврзана со Римската тврдина која се издига во месноста Кула кај Градиште.
Документарниот филм „Градот на Миќо во Заливот на коските“ ќе се емитува на првиот канал на МТВ денеска во 14.15 часот.