Документарниот филм за војводата Христо Матов од Струга денеска ќе биде дел од програмата на МТВ 1. Премиерата на документарецот кој е во режија на охриѓанецот Илија Пиперкоски ќе биде со почеток во 17 часот и 45 минути, а репризата ќе биде прикажана во недела во 11 часот.
Христо Апостолов Матов е роден во Струга на 10 март 1872, бил професор, револуционер и еден од идеолозите на Македонската револуционерна организација. Зад себе има оставено дваесетина книги. За време на Илинденското востание ги посетил сите странски амбасади за да им соопшти дека македонскиот народ се дигнал на оружје, а потоа држел прес-конференции на кои ги информирал новинарите за текот на борбите.
Како што тврдат некои македонски историчари, по поразот на востанието, тој изгубил верба дека македонскиот народ може сам да се ослободи и сметал дека слобода може да извојува само со помош на Бугарија. Подоцна, бил предводник на сите оние што мислеле како него и кои македонските историчари ги именуваат како нови врховисти. Влијателниот Матов на чело на тогашната таканаречена десница го донел Тодор Александров, да биде новиот благајник на организацијата.
По првата светска војна, Христо Матов се повлекол од политичкиот живот поради здравствени причини (боледувал од туберколоза). Како признат теоретичар и идеолог на револуционерното движење, оставил многу дела. Автор е на повеќе книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Матов често своите трудови ги објавувал под псевдонимот Дримколов. Водел остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Исто така, најчесто под псевдонимот Брут, тој е автор на политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. Знаменита е и неговата средба со Троцки во Софија.
Последните години од животот ги минал во сиромаштија. Бугарските власти му го одбиле барањето за пензија, па неговата издршка паднала на неговиот брат, но добивал средства и од ВМРО. Последните години целосно се затворил во себе и не контактирал со никого. Поголемиот дел од денот го минувал во мала соба на приземна куќа, седнат на широкиот железен кревет со скрстени нозе и со постојано втренчен поглед некаде настрана. Не сакал никој да го посетува, а и самиот ретко некаде излегувал. Починал на 10-ти февруари 1922 година во Софија.
OhridNews