На 30 Ноември во Прага се одржа свеченото наградување на најдобрите филмови од Меѓународниот филмски фестивал за планински филм. Во голема конкуренција со одлични филмови од повеќе земји, документарниот проект „This is Herstory“ на познатата алпинистка и уметник Илина Арсова, го освои 1-то место во категорија планински спортови. До сега на фестивалот немало учество на македонски филм. Фестивалот има веќе 16 години традиција и е еден од најголемите од овој вид. Има патувачки и натпреварувачки карактер и оваа година обиколи 67 места во Чешка и Словачка.

Филмот „This is Herstory“ е реализација по идеја на Илина Арсова и ги овековечува приказните на 3 девојки од Балканот кои преку спорт ги менуваат стереотипите и пишуваат историја во своите заедници. Аргиро Папатанасиу од Грција, Ута Ибраими од Косово и Илина Арсова од Македонија низ 15 минутна приказна каде се спојуваат спортот и уметноста, раскажуваат за своите соништа и патот да стигнат до нив.

Филмот плени со прекрасни пејзажи видени низ објективите на Горан Кузмановски – Кузето кој во чекор ги следеше девојките од сите перспективи, како и магичните кадри на камерманот Рашко Раков од соседна Република Бугарија. Режисерската улога му беше доверена на Игор Христов.

Авторката и продуцент на овој проект Илина Арсова беше одговорна за дизајнот, дел од сценариото и нарацијата што се работеше во соработка со другите протагонистки, а за конечниот резултат заслужен е младиот монтажер Дејан Смилески кој деноноќно работеше на монтажата, звукот и анимацијата во филмот. Проектот беше финансиран од Глобалната Спортска менторска програма на Стејт Департментот на САД, каде Арсова доби менторски престој и е алумна член од 2012 година.

Со овој документарен проект прв од ваков вид кај нас, уште еднаш докажавме дека преку спортот и уметноста може да поттикнеме сплотување и зајакнување над сите политички, националистички или други предрасуди кои не ретко не ограничуваат во нашите подвизи, вели Арсова.

Филмот е дел од поширока платформа за промовирање родова еднаквост и зајакнување на жените преку спорт.

OhridNews