Вечерва  на Античкиот театар, како дел од музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ ќе настапат двајцата хрватски виртуози, дуото виолончелисти, Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, познати како „2Cellos“.

Шулиќ и Хаузер, на денес одржаната прес- конференција потенцираа дека со задоволство ќе настапат во Охрид, пред се поради емотивните врски кои ги поврзуваат со луѓето на овие простори.

– Независно каде и да свириме ние максимално се вложуваме, даваме се од себе. Но, многу сакаме да свириме тука, каде луѓето ја знаат нашата музика. Сакаме кога не препознаваат и енергијата ни се допаѓа. Се надеваме дека публиката ќе ужива во нашиот настап, изјавија хрватските музичари.

На вечерашниот концерт ќе бидат изведени нивни обработки на светски познати композиции. Финалето на концертот на Античкиот театар ќе биде збогатено со придружба на тапанарот Душан Крањц.

Дуото Шулиќ- Хаузер имаат околу 200 настапи годишно, а во тек се и подготовките на нивниот албум што е предвидено да биде објавен во јануари идната година.

Селекторката на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, двајцата музичари ги најави како врвни уметници на класични изведби, кои долги години нижат огромни успеси на најпознатите светски сцени и имаат настапи со врвни оркестри.

По концертот во Охрид,  „2Cellos“ ќе настапат во Сплит, а потоа и во Загреб каде на 29 август каде ќе свират заедно со  „Ред хот чили пеперс“. Во план е да одржат и концерт во Белград.

Нивната изведба на композицијата „ Smooth Criminal“ на Мајкл Џексон на музичкиот интернет портал „Јутјуб“ за неколку дена стана светска сензација, постигнувајќи милионска гледаност, што резултираше со потпишување договор со „Sony masterworks“ за снимање цеде и покана да бидат дел од светската турнеја на Елтон Џон. Нивната популарност оттогаш постојано е во пораст.

OhridNews