Како прва точка на дневен ред на денешната седница на советот на општина Охрид беше расправата околу обврските на општината и моменталниот износ на долгот. Како што информира секретарот, Димитар Спасески, по извршената детална анализа на обврските кон доверителите, се покажало дека долгот  е многу повисок  од првично утврдениот износ по преземањето на власта  .

Кога ја презедовме локалната власт, во тогашната сметководствена евиденција на општината беше евидентиран долг од околу 13 милиони евра. Уште на почетокот знаевме дека тоа не е конечната бројка , знаевме дека претходната локална власт не си ја сработила работата и не еводентирала голем дел од долгот кој го има. За  таа цел формиравме посебни работни групи кои детално успеаја да го дефинираат вкупниот долг кој заклучно 19.04.2013 година изнесува над 33 милиони евра. Од овој износ, за над 25 милиони  евра се има прецизни податоци за субјектите на кои им се должат пари. Околу 7 милиони  евра се сеуште потенцијален долг , затоа што се работи за ситуации кога фирми работеле за општината, но поради немањето дослух со општината не ги фактурирале своите побарувања. Втор основ за овие пари се незавршените судски предмети, кои општината сигурно ќе ги изгуби на суд и ќе треба да ги исплати парите, рече Спасески.

Спасески потврди дека жиро сметката на општината и понатаму е блокирана, но потенцира дека во текот на изминатите месеци не е направен нов долг, додека пак се врши исплата на дел од долгот кон доверителите.

Што е многу значајно овие месеци општината не прави ниту едно евро нов долг, а имаме исплатено над 400.000 евра од долгот. Состојбата со субјектите на кои им должиме се стабилизира, луѓето добиваат надеж , потпишуваме спогодби и  исплаќаме согласно направените спогодби и ја враќаме довербата кон нас како локална самоуправа, изјави секретарот на општината.

Освен за долгот на општината, на денес одржаната седница се расправаше и за   Извештаите за реализација на Програмата  за јавно осветлување за периодот од 01.07. до 30.09.2013 година, за реализација на Програмата   за  изградба на сообраќајна сигнализација,  реализацијата на Програмата  за  изградба на системи за  водоснабдување за периодот.

На дневен ред беа и Предлог  Одлуката за  усвојување  на   Извештајот за остварување на  Буџетот  за периодот од 01.01. до 30.09.2013 година и донесувањето на  Буџетски календар на општина Охрид за 2014 година.

Т.К.