Неколку предлози за поголема застапеност на жените на градоначалничките функции во пресрет на претстојните избори изнесе влера партијата ДОМ. Оттаму  информираа дека на ваков чекор се решиле поради фактот дека Македонија е една од ретките земји каде нема ниту една жена градоначалник.

-Ова отвора повеќе прашања: Може ли градоначалничката функција да биде ексклузивно резервирана само за мажите? Дали ова не е обид за дисквалификација на жените во битката за моќните градоначалнички позиции? Дали на способните жени во партиите им се дава доволно можност за јавна промоција, за да бидат подеднакво добитни како и нивните колеги мажи?, изјави лидерот на ДОМ, Лилјана Поповска.

Таа побара воведување на квоти за градоначалнички, каде една третина од сите кандидати за градоначалници на една партија би биле жени по аналогија со постоечкиот систем на родови квоти на листите со пратеници и советници, кој дава одлични резултати во неколку изборни циклуси.

Доколку законската обврска со квоти не е прифатлива во ниедна  варијанта, ДОМ предлага потпишување заедничка Декларација од сите политички партии за кандидирање жени за градоначалнички.

-Конечно, како минималистичка варијанта, предлагаме изјави на добра волја од политичките лидери за спремност за кандидирање жени на овие позиции, рече Поповска.

OhridNews
Извор:Макфакс