Сезоната на подготвување зимници полека зема замав. Домаќинките прават пресметки- колку килограми пиперки да се набават, со колку тегли ајвар да се помине зимата, колку пари ќе се потрошат за зимници. Набавката ја одлагаат чекајќи цената за килограм пиперки, која деновиве на охридскиот пазар се движи од 27 до 30 денари, да се намали.

– Зимниците стануваат луксуз последните години, семејниот буџет ионака е скромен, па издатокот е голем. Овој месец е тежок , пари требаат и за да се подгоотват децата за во училиште, па сега треба и да се прави ајвар, пинџур, не оди куќата да е без зимница. Кој колку што може толку ќе направи, останало уште од постарите. Но засега само се информираме за цените, ќе купуваме кога тие ќе се намалат, велат граѓаните кои ги затекнавме на охридскиот пазар.

Од друга страна продавачите коментираат дека цената нема да падне под 25 денари за килограм пиперки.Велат набавната цена е висока.

– Засега граѓаните повеќе разгледуваат прашуваат, отколку што купуваат, најверојатно интересот за купување ќе се зголеми од овој викенд. Можеби ќе се намали цената за два или три денари, најмногу зависи дали ќе има зголемен извоз на пиперката. Блокадата на границата со Косово си го направи своето, голем дел од пиперката која се извезуваше за таму ќе остане во Македонија. Дали и колку тоа ќе влијае врз цената не знаеме, велат трговците.

Според пресметката на домаќинките  една тегла ајвар годинава ќе чини од 100 до 120 денари со оглед на тоа дека за таа количина потребни се од три до четири килограми пиперки. Но, како што тие додаваат, колку и да чини ајвар ќе се прави, бидејќи македонската софра преку зима не ја личи без оваа основна зимница.

Т.К.