По повод Розовиот октомври – месецот посветен на подигнување на свеста за ракот на дојката, во амфитеатарот на Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) Охрид во четврток со почеток во 11 часот предавање ќе одржи проф. д-р Ангела Паскуале на тема „Исхраната како грижа за себе: женското здравје во фокус“.

На истото ќе бидат опфатени исхраната и потребите на жената во различните животни периоди, поврзаноста меѓу храната, метаболизмот и секојдневната енергија, како да составиме избалансирани оброци со достапни, локални и сезонски намирници, научните факти зад популарните диети, „детокс“ и суплементите, како и малите, остварливи навики како дел од грижата за сопственото здравје.
Во духот на Розовиот октомври, ќе потсетиме и на значењето на информираноста и редовните превентивни прегледи. Здравата исхрана е дел од грижата за здравјето и не ги заменува медицинските прегледи и советите од лекар. Предавањето ќе заврши со кратка интерактивна вежба „Мојот удобен чекор за подобро здравје“ и простор за прашања и дискусија. Добредојдени се сите! Грижата за себе започнува со знаење и продолжува со мали, секојдневни постапки, порачуваат.
OhridNews











