Со погодоците на Китрозоски и Филип Митрески во вторите 45 минути екипата на Охрид го забележа третиот триумф сезонава и тоа трет на домашен терен. Голот за гостите беше дело на дефанзивецот Кравченко.

Натпреварот од десеттата рунда фудбалерите го започнаа отворено, шансите се редеа пред двата гола, а изостана само погодок во првиот дел.  Првата прилика на мечот ја имаше Локомотива. Голманот на Охрид, Трајаноски беше на место по шутот од непосредна близина на  Мирчевски.  

“Белите“ посериозна шанса за отварање на резултат ја имаа во 21-та минута преку Салиу. Напаѓачот на “рибарите“ биеше прецизно, но стативата беше сојузник на гостинскиот голман Игески. Охриѓани во 30-та минута повторно беа на чекор од предност, но ударот на Меди заврши во пречката. 

Погодоците што недостасуваа во првиот период, стигнаа во воведните десет минути од вторите 45 минути. По низа неискористени прилики, домаќините во 52-та минута стигнаа до предност. Китрозоски го искористи киксот на потесната одрбана и го совлада Игески за 1-0.

Радоста кратко траше за охриѓани само три минути. Во 55-та минута Кравченко беше највисок во скокот по корнерот на Каланоски и го изедначи резултатот 1-1.

“Рибарите“ во 71-та минута одновно доаѓаат во водствто. По нафрлувањето на Бакулески никој од дефанзивната линија на Локомотива не интервенираше најдобро. Топката стигна до Филип Митрески, кој прво го сочека Стојановски да падне а потоа ја спроведе во празната мрежа.

До крајот на мечот гостите до реми најблиску беа во 75-та минута.  Трајаноски несигурно интервенираше, напаѓачот на Локомотива, Лазаревски премногу чекаше и неговиот удар беше изблокиран.

Со победата над “фенерџијата““ Локомотива, охриѓани полека излегуваат од резултатска криза која ги затекна во почетокот на сезоната.

Мх.П.