Мал е бројот на охриѓани кои своите домови поседуваат домашни библиотеки со полни полици со книги или пишана литература која ја почитуваат. Причината за оваа појава е  интересот за купување и читање  на книги, кој од година во година се повеќе се намалува.

Добрите познавачи на пишаниот збор и редовните читатели велат дека намалениот интерес за книгите се должи на се поголемиот развојот на технологијата и се почестото користење на интернетот, за исполнување на слободното време.

-Книги купуваат и читаат само повозрасните охриѓани. Освен задолжителната стручна литература од училиште и факултет, младите се помалку се интересираат за читање и купување книги. Прва причина за тоа е општата беспарица која владее кај луѓето, поради која за жал поседувањето на книги станува луксуз. Исто така, малиот интерес се должи и на електронските изданија кои ги има на интернет, кои најчесто бесплатно може да се читата или да се симнат, вели  професор по Македонски јазик и литература, кој поседува голем фонд на книги во својот дом.

Дека читањето на книги не е многу популарно во Охрид, потврдуваат и од неколкуте охридски книжарници, во кои може да се набават дела од македонската и светската литература.

Почесто продаваме прирачници за одредена област, енциклопедии, детски сликовници и читанки, но многу поретко книги и романи. Но имаме и редовни купувачи  кои ги набавуваат речиси сите нови дела од жанрот кој го обожаваат, но за жал нивниот број се повеќе се намалува, велат од охридските книжарници.

Од таму  потенцираат дека со нивниот промет не може да се добие вистинската слика за тоа дали охриѓани купуваат или не купуваат книги.

-Голем дел од граѓаните кои читаат книги ги користат саемските попусти и акции, кога за многу малку пари набавуваат повеќе книги, кои им се доволни за период од една година, нагаласуваат продавачите на книги.

Иако интересот за купување на книги е опаднат, расте бројот на охриѓани  кои се зачленувата во библиотека и читаат позајмени книги. Од охридската  библиотеката ,,Григор Прличев’’ неодамана за OhridNews информираа дека бројот на членови од година во година е се поголем. Во 2011 година биле евидентирани  418 нови корисници на библиотечниот фонд, а само во текот на првите три месеци од годинава веќе се запишале над 90 нови членови.

Инаку денес се обележува 23 април,  Светскиот ден на книгата и авторското право.  УНЕСКО го востанови овој датум за Светски ден на книгата и авторското право во 1995 година, а само две години подоцна, во 1997 година, Библиотекарското друштво на Македонија го прогласи 23 Април и за Ден на библиотекарите на Република Македонија. Оттогаш тој се одбележува со пригодни манифестации.

OhridNews