Старите лица и пензионерите од Охрид, за кои нема кој да се грижи или сакаат да живеат сами, нема каде да се сместат бидејќи охридскиот регион е без Дом за стари лица. Иако иницијативата за изградбата на ваква социјална установа со постојан престој е поведена пред повеќе години, надлежните сеуште ја влечкаат постапката низ бирократски лавиринти. Пензионерите сметаат дека домот за стари лица би придонел за подостоен живот на оваа категорија граѓани во Охридско.

– Со начинот на живеење на младите, кои се постојано растрчани по обврски за да обезбедат егзистенција, ние, старите, сме вишок во семејствата. Доколку работите ги разгледаме реално, и за нас би било подобро да се сместиме во дом и да си ги поживееме во мир преостанатите години од животот. Тоа не е ништо срамно, на запад сите пензионери живеат така, велат пензионерите со кои разговаравме на охридскиот кеј.

Тие сметаат дека живеењето во дом придонесува и за поголема социјализација на старите лица.


Од Здружението на пензионери од Охрид и од Дебрца велат дека со сите природни и просторни предуслови што ги има охридскиот регион голем пропуст е што нема ваква установа.

– Изградбата на ваков дом е наша идеја уште од многу одамна, но до скоро не наидовме на слух кај надлежните. Работите тргнаа од мртва точка минатата година на Свечената академија по повод Денот на пензионерите, кога од градоначалникот на Охрид ни беше одобрена локација за изградба на овој објект, која се наоѓа на брегот на Охридското Езеро, кај населбата Воска, во близина на хотелот „Магнус“, ни објаснија неодамна од Извршниот одбор на Здружението на пензионери од Охрид и од Дебрца, кое има повеќе од 8.500 члена.

Од таму нагласуваат  дека локацијата на која е планирано да се наоѓа домот има површина од 8.500 квадратни метри, а основата на објектот би требало да биде околу 1.000 квадратни метри.

– Имаме информации дека за изградба на објектот веќе пројавиле интерес неколку домашни и странски инвеститори, помеѓу кои и еден познат швајцарски бренд. Ние, како здружение, немаме толку средства за да го изградиме домот, но ќе приложиме скромни средства за изградбата, со тоа што ќе можеме да добиеме неколку простории во домот за потребите на здружението, велат членовите на Здружението на пензионери.

Тие објаснија дека првичната замисла е домот да има капацитет од околу 150 лица, а него би го опслужувале околу 50 вработени.

Од Охридската локална самоуправа информираа дека комплетната урбанистичко-планска документација за просторот каде што треба да се  изгради Домот за стари лица веќе е подготвена и истата е испратена до Министерството за транспорт и врски, кое треба да го даде конечното одобрение за релизација на проектот.

Е.М